
Според кинескиот календар, 2026 ќе биде година на огнениот коњ, период поврзан со зголемена енергија, страст и независност. Се предвидува дека оваа година ќе биде динамична и насочена кон акција, идеална за смели потези и нови потфати, но истовремено носи и можност за импулсивност.
Но реалноста зборува малку поинаку, барем од она што се случува во 2025 годината, бидејќи сеуште не гледаме знаци на мир во Украина, а главна точка на дискусија на светските линии е вооружувањето. Компаниите погодени од кризата почнаа со масовни отпуштања на персоналот, а неизвесноста кај граѓаните е се поголема, и секој ден, недела, месец е борба за прежувување.
Во таа смисла и организациите, т.е. големите работодавачи ќе треба да се адаптираат на моменталните предизвици, барем на она што е во нивна контрола, и да ја пребродат кризата фокусирајки се на оние работи кои можат да донесат вредност за сите засегнати страни.
Од моја гледна точка, компаниите не смеат да ги игнорираат следните појави и трендови, и треба да најдат начин да истражуваат, анализираат и да се адаптираат на најдобрар можен начин.
Тренд 1: Масовни откази и намалување на работниот потенцијал
Компаниите како Twitter, Microsoft, Google, Apple… ја започнаа 2025 со отпуштање на вработените и тоа во сериозни размери до 20% од расположливата работна сила, и тоа го оправдуваат со новата економска реалност предизвикана од намалената куповна моќ на граѓаните, во услови на светска економска криза, технолошкиот развој на вештачката интелигенција и др.
Овие одлуки се спротивни од претходните стратегии со кои сите овие компании се бореа да привлечат вистински таленти и да ги задржат. Инвестираа сериозни суми во нивна едукација, но на многу лесен начин и се откажуваат од нив, што сигурно ќе им се одрази пред се на статусот “најпосакуван работодавач”. Она што треба да се проба е реорганизација, креирање на нови производи и пазари, отварање на нови капацитети и преквалификација на вработените, бидејќи стекнувањето нови вештини повеќе не е проблематично како што беше порано.
Тренд 2: Дигитализација на процесите со примена на вештачка интелигенција
Новите алатки базирани на вештачка интелигенција сеуште прават метеж пред крај на 2025, при што многу професионалци почнаа да истражуваат колку улоги и работни процеси овие алатки можат да заменат, т.е. колку работни позиции би биле загрозени. Компаниите во 2026 година интензивно ќе ги истражуваат можностите за примена на овие алатки, таму каде човекот може да биде заменет, дали при обавување на некои повторливи работни операции кои не бараат премногу креативност, но сепак ќе останат и многу области каде човекот е незаменлив.
Многу брзо се подига свеста за важноста на примената на вештачката интелигенција поради намалувањето на трошоците кои автоматизацијата и високата технологија ги носат, но и многу други можности за брз развој на оние компании кои ќе инвестираат во тој сегмент. Со развојот ќе се отворат нови можности и компаниите ќе треба да инвестираат во усовршување на вештините на своите вработени и преквалификација, за да можат луѓето да работат со новите технологии.
Тренд 3: Агилни организациски трансформации
Во 2026 година, речиси секој менаџер со човечки ресурси ќе треба одлично да го разбира бизнис моделот и организациските структури, за да може ефикасно да управува со неизвесноста и комплексноста на новото време. Традиционалниот концепт со хиерархиски структури значително го попречува протокот на информации, одлучувањето и испораката на вредност до сите засегнати страни. Дизајнирањето на агилни организациски структури станува една од клучните компетенции на вработените од секторите за човечки ресурси. Нивниот фокус ќе биде кон промена на културата и унапредување на системите преку формирање само-управувачки, мулти-функционални тимови кои ќе работат во кратки интервали и постојано ќе добиваат повратна информација од корисниците и ќе се адаптираат и усовршуваат на база на тие информации. Агилниот модел во 2026 година ќе стане клучниот модел на организациско работење.
Тренд 4: Зајакнување на лидерството и меките вештини
Трансферот на оперативниот менаџер во инспиративен лидер е императив на секоја успешна компанија, а современите менаџери се најпотребни во време на кризи и промени. Веќе не е доволно менаџерот да се грижи само за тековните операции, предизвиците, буџетите, клиентите, преговорите со партнерите, стратетешкото планирање… Денес тие повеќе треба да ја зајакнуваат тимската работа и да ја подобруваат комуникацијата, транспарентноста, благосостојбата, ангажираноста и вклученоста на вработените. Тие треба да бидат “агенти на промени” и затоа организациите во 2026 година сериозно треба да се фокусираат на оспособување на лидерскиот потенцијал, нивно зајакнување со нови алатки, вештини и уверувања, а сите останати вработени треба да ги развијат своите меки вештини, како што се комуникација, соработливост, креативност, решавање проблеми и слично. Цврсто верувам дека 2026 година ќе биде година на градење организации кои учат и се развиваат.
Тренд 5: Подобрување на добросостојбата на вработените
Менталната добросостојба, константниот стрес, прегорувањето, креирањето добар баланс помеѓу работата и приватниот живот сеуште се значаен дел од компаниската стратегија за задржување на вработените, континуирано усовршување на работењето и подобрување на компаниската култура. Според анкетите, повеќе од 70% од вработените искажаа дека гледаат промени во односот на работодавачите во текот на 2025 година, кои почнаа да покажуваат повисок степен на емпатија, разбирање на потребите на вработените и да прават значајни отстапки за подобрување на нивната менталната состојба. Она што повеќе е за очекување е понудата на работа од дома, флексибилни работни часови, скратена работна недела, редовни активности за физичка активност и спортување, квалитетен оброк, продолжени паузи за социјализација на вработените, фер понуда за кариерен развој, ценење на трудот и придонесот на вработените и слично.
Тренд 6: Генерирање вредност од аналитиката и податоците за вработените
Успешноста во 2026 година многукратно ќе зависи од аналитиката, статистиката, мерењата и краткорочните предвидувања на трендовите со цел поквалитетно управување со работната сила, процесите, културата и технологијата. Менаџерите кои ќе се грижат за реструктуирање на човечките ресурси ќе се фокусираат на усвојување на транспарентна аналитика со која вработените ќе можат да го разберат влијанието кое го имаат врз бизниз резултатите. Сите се свесни дека постоечките принципи на мерење на перформансите на вработените не се доволно транспарентни, ниту инспиративни, па затоа сериозни реконструкции во овој домен се очекуваат. Аналитиката станува секојдневната алатка и најдобар другар на професионалците од секторот со човечки ресурси поради вредноста која ја дава и проактивноста во спречувањето на негативни појави и однесувања. Работодавачите ќе треба да дадат приоритет на транспарентноста околу начинот на кој тие собираат, користат и складираат податоци за вработените, како и да им дозволат на вработените да се откажат од практиките за кои сметаат дека се непристојни.
Во секој случај, 2026 – годината на огнениот коњ, барем метафорички не асоцира на енергија, страст, но и независност, па во таа насока и компаниите можат да се фокусираат повеќе кон подобрување на менталната состојба на вработените, редизајнирање на постоечките модели на работење и развој на вештините.
Илија Попјанев е консултант за организациско управување со примена на современи агилни и адаптибилни методологии. Контакт на ilco@doortraining.mk