Како да станам ефективен лидер?

Што е тоа лидерство?

Џон Максвел вели дека лидерството е само влијание и ништо повеќе. Питер Дракер смета дека лидер е тој кој има многу следбеници. Што мислите вие?
За да бидете поефективни, вие морате да станете повлијателни и поубедливи во вашата работна средина. Ова е моето видување на дел од елементите кои треба да ги развива секој кој сака да стане ефективен лидер, да создаде следбеници и нормално, нови лидери околу себе.

Пред сé, треба да воспоставите стратешки пристап во секојдневното работење.
Кои се клучните цели и резултати на вашата компанија? Која е “големата слика” на вашата компанија? Што ве прави поинакви од другите фирми?

Oдговорот на повеќете од наведените прашања би бил поврзан за стратегијата и штом ја сфатите истата ќе можете да водите стратешки проекти, а со стратешки поглед на работата можете и полесно да влијаете на вашите луѓе и истите да дадат поголем придонес во работата. 

Дури и ако чувствувате дека сте доволно упатени и информирани во компаниската стратегија, не е лошо да се потсетите од време на време и да се запрашате дали вашите активности се во согласност со компаниската стратегија или не.

Можете да ја прочитате и книгата од Мајкл Портер ”Компетитивна стратегија” па можеби ќе добиете уште некоја идеја.

Одвоjте повеќе време за читање и личен развој. “Не секој кој чита e лидер, но сите лидери се читачи”, рекол поранешниот претседател на САД- Хари Труман. 

Кога Бил Гејтс го водеше Микрософт, тој често знаеше да замине од работа по недела или две, секоја година, само за да се посвети на читање книги и размислување, за да потоа се врати во фирмата со нови идеи и предлози. 

За да развиете лидерски вештини, ви предлагам да читате биографии за светските лидери како на пример: “Како Девица” од Ричард Бренсон, “Победување” од Џек Велч или “На начинот на Стив Џобс” од Џеј Елиот.

Според авторот Брајан Трејси, сите бизнис вештини се учат. Па тогаш зошто не одберете некоја од поважните лидерски вештини, како на пример “држењето уверливи презентации” и не поработите на таа вештина за да ја усовршите до перфекција. Можда ќе ви требаат недели и месеци за да забележите значаен прогрес доколку работите вештина која не ви е многу позната.

Постојано барајте фидбек од вашите луѓе со цел да се подобрите. Фидбекот е моќна алатка за промени, но на вас останува дали ќе ја користите оваа алатка на ефективен начин. Понекогаш фидбекот може да има и форма на критика (негативен), некогаш на пофалба (позитивен), но поентата е да гледате на фидбекот како на алатка која ќе го гради лидерот во вас. 

За да го користите потемелно фидбекот обидете се секој ден да одвоите по десетина минути и да го запишете во вашиот нотес сиот фидбек кој сте го добиле дента, а на крајот на неделата прегледајте ги забелешките и поставете си го прашањето: “Како можам да ги искористам овие информации за да го подобрам лидерот во себе?”

Лидерот активно слуша и прима совети од колегите и од клиентите. Денешната технолошки развиена средина во која живееме и поради која сме постојано напнати и под притисок, не ни дозволува премногу да ги слушаме другите, но лидерите не смеат да ја обвинат технологијата за тоа, тие можат едноставно да ја исклучат. 

Колку често го исклучувате мобилниот телефон на подолго време, на пример цел викенд? … Заборавете на мобилните и за време на состаноци, а замолете ги за исто и другите за да не се нервирате гледајќи ги како си типкаат пораки.

Одете почесто на појадок или ручек со колега, клиент или пријател. Заедничкиот ручек видливо ги врзува луѓето, расте довербата и се создава долготраен однос, што е и поентата кај успешните лидери. Може да ја прочитате и книгата “Никогаш не ручај сам” од Кеит Фераци, мене ми даде неколку одлични идеи.
Да се биде лидер не е лесно, затоа поздрав до следното читање, со неколку нови совети како да се биде ефективен лидер во денешни услови. Ако ви треба препорака за добра книга на тематика лидерство, слободно пишете ми, со задоволство ќе ви препорачам еден тон книги , а можете да го посетите и тренингот “Лидерство во акција” во Април, за да добиете нова перцепција на темата. И за крај, уште една добра мисла од Џон Максвел:

“Песимистот се жали на ветерот. Оптимистот очекува дека ќе се смени. Лидерот ги мести едрата.” 

До следно читање, поздрав U.F.O.

March 25, 2020
top
0038971391959 info@doortraining.mk
© 2024 DOORTRAINING. Сите права се задржани.