
Подобрување на искуството на вработените
Во просек, во својот живот, секој работник поминува околу 3.500 дена на работа, и тоа е времето кое секој би сакал да го помине што е можно попријатно и поквалитетно.
Вработените велат дека сакаат да се чувствуваат ценети и слушнати, и наметнуваат нови приоритети во работниот процес, што во новата реалност, организациите кои се креативни ќе успејат да го подобрат искуството на вработените и да ги задржат, т.е. да станат посакуван работодавач во својата индустрија или област на делување.
Оваа тема на глобално ниво станува ургентна и поради фактот дека секој месец повеќе милиони луѓе ги напуштаат своите организации, не поради финансиски причини, туку поради нарушена добросостојба, изгубена организациска цел и смисла, токсична култура, нефлексибилно работно време, т.е. поради динамиката и комплексноста на новите работни односи и методи кои постојано се менуваат, вработените бараат поголемо задоволство од работата.
Работодавачите кои се грижат за своите вработени и се трудат да изградат незаборавно искуство за вработените (EX), значително ги подобруваат организациските перформанси како што се: продуктивност, ангажираност, добросостојба, т.е организацискиот успех во глобала.
Ако се прашувате што се подразбира под “искуство на вработените”, тоа претставува збир од сите искуствата на вработениот во една организација. Тоа ги опфаќа интеракциите со колегите, раководителите, технологијата која се користи, компаниската култура, па дури и работниот простор игра значајна улога. ЕХ има културна, технолошка и физичка димензија.
Колку оваа тема е значајна во пост Ковид периодот, се утврди и од неодамнешната анкета на ВТВ каде дури 92% од испитаниците истакнале дека искуството на вработените ќе им биде клучен приоритет во следните три години. Дури 81% од испитаниците сметаат дека искуството на вработените има корелација со ангажираноста, 80% со добросостојбата, а 78% со продуктивноста.
Како работодавачите можат да го подобрат искуството на вработените?
Во стратешка смисла, добра стартна точка е да се мапира целокупниот престој на вработените во организацијата, за да се добие подобар увид во тоа: Што им е важно? Што им прави нелагодност? Како комуницираат со компанијата?, и многу други прашања од витално прашање во секоја фаза, од процесот на вработување, воведување, социјализација, обучување, работење, до моментот кога вработениот ја напушта компанијата. Секоја фаза треба добро да се анализира, за да се откријат “моментите на вистина”, т.е. причинителите на незадоволство, фрустрација и стагнација на вработените, што резултира со нивно заминување од организацијата.
Истражувањата на Галуп на глобално ниво покажуваат дека само 13% од вработените се ангажирани и задоволни од своите работни искуства, како и дека среќните, задоволни вработени се околу 12% попродуктивни од останатите. Бидејќи искуството на вработените игра толку значајна улога, организациите инвестираат во дизајн на EX стратегии кои можат да ги поправат перформансите, но и да ја поправат добросостојбата, што е особено важно за вработените.

Унапредете ја организациската комуникација
Според истражувањето на Deloitte, само 47% од работодавците истакнале дека поседуваат комуникациски процеси и вештини неопходни за справување со кризни ситуации. Недостатокот на соодветна и навремена комуникација во време на кризи е многу важен фактор, бидејќи влијае на тоа како вработените ја перцепираат подготвеноста на организацијата во тешки времиња.
Во време на криза, организациите имаат тенденција да се фокусираат повеќе на надворешните приоритети (клиенти, соработници, партнери), отколку на внатрешните – своите вработени. И покрај тоа што надворешната комуникација е важна, треба да ги ставите вашите вработени на прво место, особено во време на криза. На истата анкета, 30% од испитаниците веруваат дека вработените се најзанемарените чинители кога нивната организација се справува со криза.
Во време на криза, на вработените им недостасува јасно разбирање на ситуацијата, тие може да се чувствуваат фрустрирани и исплашени, што негативно влијае на нивното искуството (ЕХ).
Јасната и отворена комуникација е од суштинско значење, и затоа раководителите треба да поттикнат редовни разговори со вработените за да го подобрат нивното искуство, а со денешниот развој на технологијата, е-маилот не е единствената алатка за споделување добри и лоши вести. Треба да се искористат бројните канали за интерна комуникација како Slack, Discord, MS Teams, кои се лесно достапни, креативни, интересни за користење, и луѓето ги сакаат.
Направете работењето да има смисла и вредност за вработените
Според истражувањето на Deloitte, работодавачите можат да направат работата да има смисла, цел и вредност ако:
- Поттикнат автономијата, со охрабрување на вработените самостојно да ја обликуваат својата работна средина на начин, што ќе им помогне да дадат поголема вредност. Слободата на работење е во корелација со психолошката сигурност како уверување дека вработените нема да бидат казнети ако згрешат, да бидат исмејани или обвинети.
- Креирајте мали мулти функционални, само-менаџирани тимови кои ќе бидат зајакнети да носат самостојни одлуки, да генерираат нови идеи и решенија, да се адаптираат.
- Организирајте ретроспективи – состаноци за подобрување, кои ќе ги водат вработените самостојно. Дајте им време да дискутираат за разни прашања, за нивниот развој и сл.
- Зголемете го чувството на припадност преку иницијативи за вклучување и програми за менторство, бидејќи кога вработените имаат чувство на припадност, тие се лојални, ретко размислуваат да бараат нова работа, ентузијастични се, имаат поголемо задоволство од работата, поангажирани се, и со секој екстра чекор прават работата да вреди повеќе.
- Преку смислено поставување на цели, вработените стекнуваат доверба да ги развијат своите вештини, при тоа зголемувајќи го ангажманот и мотивацијата, додека се дел од компанијата. Не поставувајте долгорочни, амбизиозни цели кои веројатно ќе се променат или ќе станат бесмислени. Дајте приоритет на агилни, краткорочни цели кои можат редовно да се прегледуваат и менуваат во услови на динамичен, комплексен свет.